Во час и половина, како што кажа претседателот, ја изложи не републиканската , не демократската, туку агендата на американскиот народ.
Трамп во второто редовно годишно обраќање во конгресот за состојбата на нацијата повика на оптимизам и обединетост, што доаѓа во време на жестока партиска поделеност и политички анимозитет откако владата на САД е целосно отворена само до 15 февруари, по 35 дневно затварање што погоди илјадници федерални работници.
Повторна блокада на Владата не е исклучена ако не се постигне договор за поцврста гранична контрола со демократите, кои се категорично против изградба на ѕид.
Темата со нелегалната имиграција е јаболка на раздорот помеѓу демократите и републиканците и Трамп повтори дека каравани со мигранти доаѓаат кон јужната граница што за многумина звучеше како претерување.
Истакна и дека цврсто стои зад борбата против абортусот.
Општо земено обраќањето на Трамп допре до некаква форма на обединување – она што го бараа многумина демократски политичари и набљудувачи – да се отфрли политиката на одмазда и отфрлање.
Претседателот истакна дека Американците треба да се горди за високото место што жените во САД го постигнале во општеството – многу повеќе жени се во работен однос и дека Конгресот има најголем број на жени-законодавки – околу 102 претставника се жени.
Трамп истакна дека на глобално ниво Америка има статус на супер ѕвезда на која и завидуваат други земји поради силината на нејзината економија и армија.
-Заедно, може да ги надминеме децениите на политички ќорсокак. Можеме да градиме мостови, да изградиме нови сојузништва, да го откочиме ветувањето за американската иднина. Мојата администрација го забрза решавањето на проблемите, кои што беа запоставени од двете партии. По 24 месеци, нашата економија е лидер во светот, нашата армија е најмоќна во светот, а Америка победува секој ден, рече меѓу другото американскиот претседател Доналд Трамп во своето годишно обраќање во Конгресот.