Претседателот на САД, Доналд Трамп, во изјавата во петокот рече дека „никогаш нема да се откаже од борбата за Американците“, бидејќи заслужуваат „целосна транспарентност“ на изборите.
Ние веруваме дека американскиот народ заслужува да има целосна транспарентност во пребројувањето на гласовите и сертифицирањето на изборите, и тука веќе не станува збор за ниту еден избор, изјави Трамп, додавајќи дека ова се однесува на интегритетот на американскиот изборен процес.
Трамп го повтори својот став дека „легалните гласачки ливчиња мора да бидат преброени“, додека „нелегалните“ гласачки ливчиња не треба да се бројат обвинувајќи ги демократите за нивниот „отпор“ за прифаќање на овој принцип.
Претходно, американскиот претседател, кој е на работ на пораз на изборите, тврдеше дека „лесно“ ќе победеше ако се избројат само „законските гласови“ инсистирајќи на гласачките ливчиња по пошта што пристигаат по денот на изборите, да не се сметаат, и покрај тоа што некои држави ги дозволија таквите гласови сè додека истите беа испратени до 3 ноември.