Тензиите помеѓу Северна и Јужна Кореја се намалуваат. Двете држави започнаа да ги отстрануваат минските полиња во демилитаризираната зона, пренесе Ројтерс.
Војските на двете земји започнаа да работат на отстранување на мини кај Чеворон во покраината Гангвон, во демилитаризираната зона, каде што следната година се планира да се започне со ископување на посмртните останки на војниците од Корејската војна.
Јужнокорејскиот претседател Мун Јае Ин и севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун се состанаа пред две недели во Пјонгјанг и се договорија да ги „отстранат сите опасности што би можеле да предизвикаат војна на полуостровот“.
Работата за деминирање би требало да трае најмалку 20 дена.
Повеќе од еден милион нагазни мини биле поставени во пограничните области, вклучувајќи ја и ДМЗ и Цивилната контролна зона на Југот, велат експертите за деминирање, а од мините и цивили и војници биле повредени или загинале.