Свет 09. август 2018. / 12:59

Тајланд: Поранешен будистички монах осуден на казна затвор од 114 години (ВИДЕО)

Тајланд: Поранешен будистички монах осуден на казна затвор од 114 години (ВИДЕО)

Поранешниот тајландски будистички монах Вирапол Сукфол, чиј начин на живот предизвика гневот во јавноста, во четвртокот беше осуден на 114 години затвор за перење пари, измами и криминал.

Сукфол се вратил во Тајланд во јули 2017 година, откако бил екстрадиран од страна на Соединетите Американски Држави, каде претходно избегал.

Тој бил отстранет од верските редови во 2013 година, кога на платформата „Јутјуб“ беше објавена видеоснимка на која будистички монаси во традиционална портокалова облека седат во луксузен авион, а во првите редови беше забележан токму Вирапол.

Дополнителната истрага спроведена од страна на тајландската специјална истражна служба го открила начинот на живот на монахот, кој бил целосно спротивен на она што се очекува од нив.

На десетина различни банкарски сметки биле пронајдени најмалку 200 милиони тајландски баха, а полицијата, исто така, собрала докази и за купени 22 „мерцедеса“.

Според полициските податоци, исто така постоел и доказ за неговите сексуални односи со голем број жени, од кои едната тврдела дека таа има и дете со него, од своите 15 години.

По ваквите изјави на една од неговите жени, полицијата преку ДНК утврдила дека тоа е вистина.

Откако полицијата спровела успешна истрага, Вирапол побегнал во САД, а на тајландските власти им беа потребни четири години да ја обезбедат неговата екстрадиција.

Иако, Вирапол постојано ги негира обвинувањата за измама, перење пари и силување, судот во Бангкок го прогласи за виновен за неколку кривични дела и го осуди на 114 години казна затвор.