Праведниот пристап до вакцината во целиот свет е во интерес на секого и на секоја земја, изјави шефот на Светската здравствена организација (СЗО) Тедрос Адханом Гебрејесус, додавајќи дека трупањето на вакцината во некои земји само ќе ја продолжи пандемијата.
–Национализмот поврзан со вакцинирањето ќе ја продолжи пандемијата, нема да ја скрати, кажа Гебрејесус на Парискиот мировен форум вчера, предупредувајќи дека вирусот ќе продолжи да се шири, а економското оздравување глобално ќе успори ако луѓето во сиромашните земји не можат да бидат вакцинирани.
–Некои земји однапред купуваат повеќе вакцини, во количества двојно поголеми од бројот на жители, со што ја доведуваат во опасност достапноста на вакцината во други земји, додаде тој.
Истакна дека на иницијативата на СЗО АКТ-А, со која се сака да се обезбеди пристап до тестови, лекување и вакцинирање против ковид-19, ѝ недостигаат околу 28,5 милијарди долари, од кои се итно потребни 4,5 милијарди.
Организаторите на форумот во Париз претходно кажаа дека очекуваат на него земјите да се обврзат да дадат 500 милиони долари за вакцините, од кои неколку се во завршните фази на тестирањата, да бидат глобално достапни, но не кажаа дали таа сума е достигната.
Од коронавирусот во светот од почетокот на пандемијата се заразени над 53 милиони луѓе, а умреа речиси 1,3 милиони.