Свет 24. мај 2018. / 21:17

Судот пресуди: Трамп не може да блокира луѓе на Твитер

Судот пресуди: Трамп не може да блокира луѓе на Твитер

Федералниот судија во Њујорк Наоми Рејс Бучвалд, вчера, донесе одлука со која американскиот претседател Доналд Трамп, по закон, не може да блокира корисници на социјалната мрежа „Твитер“, бидејќи со тој потег го загрозува нивното право на слобода на говор кое им е загарантирано со Првиот амандман на Уставот на САД.

Оваа одлука следува како одговор на тужбата, која во јули минатата година против Трамп ја поднесе Институтот од Универзитетот Колумбија, кој се занимава со проучување на Првиот амандман на Уставот на САД, заедно со неколку корисници на Твитер, пренесува Ројтерс.

Тужбата е поднесена, бидејќи Трамп блокирал неколку корисници кои го критикувале, исмејувале и изразувале несогласување со неговите ставови, со образложение дека профилот на претседателот на Твитер е јавен форум и дека со забраната за пристап до него го крши првиот уставен амандман.

Судијата Рејс Бучвалд се согласила со таа аргументација и ги отфрлила аргументите на адвокатот, кој тврдел дека Трамп може да блокира луѓе со кои не сака да комуницира.