Во судир на каталонските сепаратисти и полицијата во Барселона денеска беа повредени 14 лица, а шест се уапсени, соопштија властите во Каталонија.
Меѓу повредените е и еден полицаец на богатиот шпански регион, а три лица се сместени во болница.
Поддржувачите на независноста на Каталонија денеска неколку пати се судрија со полицијата во центарот на Барселона додека демонстрираа против марш на кој учесниците бараа зголемување на платите на припадниците на шпанската полиција.
Сепаратистите пристигнаа на собирот и извикуваа „Бегајте од тука фашисти“. Првите судири избија претпладне кога полицијата интервенираше бидејќи демонстрантите фрлија боја врз учесниците на маршот.
Полицајците користеа пендреци за да ги поттиснат сепаратистите и да ги раздвојат спротивставените групи.
До судирот дојде два дена пред првата годишна од незаконскиот референдум за независност на Каталонија, што заврши со насилство на шпанската полиција.