Свет 26. август 2019. / 13:48

Стотина британски компании се преселиле во Холандија поради Брегзит

Стотина британски компании се преселиле во Холандија поради Брегзит

Стотина компании го пренеле својот бизнис од Велика Британија во Холандија или таму основале канцеларии за да останат во рамките на Европската Унија по планираното излегување на Велика Британија од блокот, објави во понеделникот холандска државна агенција.

Слични потези разгледуваат и дополнителни 325 компании кои се загрижени за губење на пристапот до пазарот на ЕУ по брегзит, нагласува холандската агенција за странски инвестиции.

Постојаната растечка неизвесност во Велика Британија и изразената можност за брегзит без договор им задаваат на овие компании голема економска главоболка – вели Јерон Нијланд, комесар во државната агенција НФИА.

Затоа, според него, се повеќе компании се насочуваат кон Холандија како можна нова база на европскиот пазар.

Станува збор за компании од сегментот финансии, информатичка технологија, медиуми, маркетинг, биологија и здравство, се појаснува во соопштението на агенцијата.

Германија, Франција, Белгија и Ирска се најголеми конкуренти на Холандија во привлекувањето компании кои се селат поради брегзит.

По преземањето на премиерската функција минатиот месец, Борис Џонсон изјави дека ќе ја изнесе Велика Британија од ЕУ на крајот од октомври, со или без договор, потсетува „Ројтерс“.