Стотици ученици биле регрутирани за производство на уреди на Амазон Алекса во Кина, како дел од контроверзните и честопати нелегални напори да се исполнат производните цели, откриваат документите видени од Гардијан.
Од интервјуа со работници и од протечени документи од снабдувачот на Амазон, Фоскон се гледа дека од многу деца се барало да работат ноќе и прекувремено за да произведат уреди за смарт-звучници, спротивно на кинеските закони за работни односи.
Според документите, тинејџерите, регрутирани од училиштата и техничките колеџи во и околу централниот јужен град Хенгианг, се класифицирани како „практиканти“, а на нивните наставници им е плаќано од фабриката да ги придружуваат. Од наставниците се барало да ги охрабрат некооперативните ученици да прифатат прекувремена работа покрај редовните смени.
Некои од учениците што ги правеле уредите на Амазон Алекса, Ехо и Ехо дот заедно со Киндл, требало да работат повеќе од два месеци за да го надополнат бројот на вработени во фабриката за време на врвот на производството, откриле истражувачите. Повеќе од 1.000 ученици, на возраст од 16 до 18 години, биле вработени.
На кинеските фабрики им е дозволено да вработуваат студенти на возраст од 16 години и постари, но на овие ученици не им е дозволено да работат преку ноќ или прекувремено.
Фокскон, кој исто така го произведува Ајфон за Епл, призна дека нелегално биле вработувани ученици и рече дека презема итни мерки за да се поправи ситуацијата.
–Го удвоивме надзорот и следењето на програмата за практика со секое партнерско училиште за да се осигураме дека, во никој случај, на практикантите нема да им се дозволи да работат прекувремено или ноќе – изјавија од компанијата.
Компанијата ја бранеше употребата на учениците тврдејќи дека „ на учениците, кои се на легална работна возраст, им овозможува да добијат практично работно искуство и обука во голем број области што ќе им помогне во нивните напори да најдат вработување по дипломирањето“.
Фокскон рече дека ќе го зголеми бројот на редовни работници и веднаш ќе ги прегледа платите.
Тинејџерите кои разговарале со истражувачите рекле дека работата во фабриката немала никаква важност за нивната пракса и тие биле принудени да работат прекувремено.
–Се обидов да му кажам на менаџерот од мојата линија дека не сакам да работам прекувремено. Но, менаџерот го извести мојот наставник и наставникот рече дека ако не работам прекувремено, нема да можам да стажирам во Фокскон и тоа ќе влијае на моето дипломирање и апликации за стипендии во училиштето – изјави ученичката Жао Фенг (17) за Гардијан.
Таа додаде дека немала избор и дека морала да го издржи тоа.