Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, порача дека законот за национална безбедност на Кина ја поткопува автономијата на Хонг Конг и го крши владеењето на правото.
Јасно е дека Кина не ги споделува нашите вредности – демократија, слобода и владеење на правото. Ова го гледаме во Хонг Конг, каде новиот закон за безбедност ја поткопува неговата автономија – изјави Столтенберг.
САД веќе воведоа санкции и ограничувања за визи за кинеските службеници вклучени во ова прашање, додека Европската унија изјави дека разговара за можните мерки против Пекинг.
Јапонија, исто така, изрази жалење за усвојувањето на законот, истакнувајќи дека тој го поткопува кредибилитетот на формулата за управување „една земја, два система“. Тајванската Влада ги предупреди своите граѓани за ризикот од посети на Хонгконг.
Кинескиот претседател Си Џинпинг во вторникот го потпиша новиот закон за национална безбедност за Хонг Конг, кој беше одобрен претходно истиот ден.
Пекинг вели дека законот, што доаѓа како одговор на минатогодишните чести насилни продемократски протести во Хонгконг, има за цел да се бори против субверзијата, тероризмот, сепаратизмот и договорите со странските сили.