Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, во екот на расправата за формирање европска војска предупреди дека европската одбрана не смее да се зајакнува на штета на Северноатлантскиот сојуз.
„Задоволни сме поради зајакнувањето на напорите на Европската Унија на полето на одбраната, добра работа е ако европските сојузници имаат поголеми капацитети, ако подобро соработуваат“, рекол Столтенберг на форумот НАТО-индустрија во Берлин.
„Она од што не сме задоволни е дека ЕУ почнува да воспоставува двојни структури“, предупреди челникот на алијансата.
Францускиот претседател, Емануел Макрон, ја покрена таа расправа предложувајќи Европа да изгради своја војска. Тоа го разлути американскиот претседател, Доналд Трамп, кој го оцени предлогот на Макрон како навредлив. Макрон се обиде да го смири Трамп нагласувајќи дека предлогот не е насочен против САД.
„Ни треба еден силен и стручен команден состав, не можеме да ги делиме ресурсите на пола“, истакна Столтенберг.