Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, денеска предупреди дека Европската унија не може сама да ги заштити своите граѓани без помошта на трансатлантската организација, пренесуваат француските медиуми.
Некои лидери на ЕУ инсистираат Унијата да развие поголема „стратешка автономија“, потег што некои го сметаат за создавање ривалство меѓу Брисел и Вашингтон. Но, Столтенберг, при посетата на Колеџот на Европа, изјави дека земјите-членки на ЕУ кои се членки и на НАТО обезбедуваат само една петтина од вкупните трошоци за одбраната на Алијансата, што ги штити европските територии.
-Европската унија, која троши повеќе за одбраната, која инвестира во нови можности и ја намалува фрагментацијата во одбранбената индустрија, е корисна не само за европската безбедност. Тоа е добро и за трансатлантската безбедност, кажа Столтенберг, разговарајќи со директорката на Колеџот, поранешната шефица на европската дипломатија, Федерика Могерини.
Но, според него, ЕУ не може сама да ја одбрани Европа.
„Повеќе од 90 проценти од граѓаните на ЕУ живеат во земја членка на НАТО. Но, членките на ЕУ обезбедуваат само 20 проценти од трошоците за одбрана на НАТО“, посочи Столтенберг.
Генералниот секретар на Алијанската, исто така, истакна дека иако 21 членка на Европската унија се и членки на НАТО, нивните ранливи земји често пати се заштитени од сојузници кои не се членки на ЕУ, и имаат поголеми трошоци за одбрана.
Тој рече дека не станува збор само за пари, туку за географија, истакнувајќи ја блиската соработка меѓу двете институции чии седишта се во Брисел.
„Исланд и Норвешка, на север, се портите на Арктикот. Турција на југ се граничи со Сирија и Ирак. И на запад, САД, Канада и Велика Британија ги поврзуваат двете страни на Атлантикот”, кажа тој.
Европската комисија сака да преземе повидлива геополитичка улога со усвојување на посилна надворешна политика и развој на европската одбранбена индустрија.
Некои лидери на ЕУ, особено францускиот претседател Емануел Макрон, отидоа подалеку, прашувајќи се дали стратегијата на НАТО не е во состојба на „мозочна смрт“ во светот по Студената војна.
Но, други, вклучувајќи го и Столтенберг, гледаат можност при изборот на Џо Бајден за претседател на САД да ги обноват трансатлантските врски што се распаднаа под администрацијата на Доналд Трамп.