Портпаролката на Стејт департментот, Морган Ортагус изјави дека медицинската опрема која во текот на вчерашниот ден пристигна со авион од Русија во САД, е купена врз основа на договорот меѓу американскиот и рускиот претседател, Доналд Трамп и Владимир Путин.
Таа додаде дека опремата, која вклучува вентилатори и лична заштитна опрема, не била подарок.
– Двете земји даваа хуманитарна помош една на друга во кризниот период и без сомнеж тоа ќе го направат повторно во иднина. Ова е време за соработка во надминување на заедничкиот непријател кој ги загрозува животите на сите нас – нагласи Ортагус.
Ортагус не соопшти колку САД ја платиле медицинската опрема, која е предадена на Сојузната агенција за управување во кризни ситуации во Њујорк, откако руски товарен авион ја пренесе до меѓународниот аеродром „Џон Ф. Кенеди“.
Ортагус истакна дека САД ќе продолжат да им помагаат на другите земји во борбата против корона вирусот.
Рускиот амбасадор во Вашингтон, Анатолиј Антонов, изјави дека испораката ја одразува потребата за обединување на глобалните напори во борбата против вирусот Ковид-19, без оглед на политичките разлики.