Четири државјани на Хрватска и еден од Србија, денеска и вчера беа уапсени под сомнение за кражба на накит вреден милиони, од Дуждовата палата во Венеција, соопшти хрватската полиција.
По неколку месеци соработка со италијанската полиција, хрватската полиција ги уапси четворицата хрватски државјани, едниот на возраст од 60-ина години, еден 43-годишен маж и двајца 48-годишни мажи.
Од полицијата додаваат дека денеска на граничниот премин Товарник, по издаден европски налог за апсење, уапсен е и петтиот член на криминална организација, 54-годишен граѓанин на Србија.
Тие се осомничени за крадење накит вреден милиони во јануари оваа година во Венеција.
Според полицијата, накитот е украден од приватна колекција на накит, а во украдените предмети имало и други вредни артефакти, најверојатно од катарскиот шеик Хамад бин Абдулах ал-Тани.
-Во целата украдена колекција, која е од непроценливо значење, украден е пар обетки од платина и дијаманти во вредност од еден милион долари, како и брош направен од платина и рубини во вредност од над два милиона долари- се посочува во соопштението на полицијата.
Против уапсените лица се води кривична постапка пред судот во Венеција.