Полицијата на Малта уапси три особи поради сомнение дека тргувале со наркотици. Меѓу нив е и Марко Аќимовиќ (40), готвач од Србија, кој се обвинет дека бил лидер на групата на дилери. Сите во моментов се наоѓаат во притвор, пренесува српски „Телеграф“.
Џејсон Микалеф (24), Џозеф Борг (47) таксист од Санта Венера и Марко Аќимовиќ, готвач од Србија се обвинети за трговија со наркотици и поседување на канабис под околности кои укажуваат дека дрогата не била за лична употреба, пренесува „Тајмс оф Малта“.
Тројката е уапсена за време на рација која полицијата ја спровела минтатиот четврток. Сè започнало кога инспекторите на една улица на Малта поставиле заседа за такси-возилото со кое управувал Борг, додека Микалеф се возел како патник.
–Таксистот застанал пред една зграда, а Микалеф, кој седел до возачот, излегол од возилото и влегол во влезот од зградата. Тој набрзо се појавил со куфер в рака. Во моментот кога влегол во таксито и го ставил куферот пред нозете, полицајците излегле и ги уапсиле. Полицијата во куферот пронашла седум килограми канабис, кажа еден извор од полицијата за локалните медиуми.
Полицијата потоа влегла во зградата и го уапсила и Марко Аќимовиќ, кој се сомничи дека им го предал куферот. Потоа, во неговиот стан се пронајдени и други наркотици.
Во куферот имало две ќеси со дрога, а уште една е пронајдена во станот на Аќимовиќ.
Сите тројца се приведени и пренесени во полициска станица, каде не ја признале вината. Одредена им е мерка притвор.
–Кај Аќимовиќ и кај таксистот е пронајдена и мала количина на кокаин, па пријавата против нив ќе биде дополнета и за нелегално поседување на оваа дрога. Двајцата жители на Малта дополнително се обвинети и за кршење на условните казни, додека Србинот ќе одговара и за обид за уништување на докази, пренесуваат медиумите.
Двајцата Малтежани не поднеле барање за кауција, додека Марко Аќимовиќ, кој во молбата навел дека има малолетно дете и бремена сопруга, го сторил тоа. Меѓутоа, судот го одбил неговото барање поради тешките обвиненија и ризикот дека од слобода може да влијае врз истрагата.
Инспекторите, според локалните медиуми, биле принудени два килограми канабис да извлекуваат од канализација.
–Кога сфатил дека полицијата му е пред врата, Србинот се обидел да исфрли дрогата и ја пуштил во вц-школката, објаснува извор од полицијата.
Освен притворот, на сите тројца им е замрзнат целиот имот, се до крајот на постапката.