Операцијата за спасување на последното од 12-те момчиња и нивниот фудбалски тренер од тајландската пештера можело да биде катастрофа, откриваат нуркачите, бидејќи пумпите за вода што ја сушеле областа откажале само неколку часа откако последното момче било евакуирано.
Нуркачите и спасувачите сè уште биле повеќе од 1,5 километар длабоко во пештерата, чистејќи ја опремата, кога главната пумпа откажала, по што нивоата на водата почнале брзо да се зголемуваат, рекоа денеска за Гардијантројцата австралиски нуркачи вклучени во операцијата, во првиот детален извештај за мисијата.
Триото, стационирано во „третата комора“, база внатре во пештерата, рече дека слушнале врескање и виделе светилки како „трчаат“ од тунелот, додека работниците се бореле за да стигнат до суво тло.
„Почнаа да се слушаат врисоци, бидејќи главните пумпи откажаа и водата почна да расте“, рече еден од нуркачите, зборувајќи анонимно затоа што не е овластен да коментира.
Останатите 100 работници во пештерата френетично потрчале кон излезот и биле надвор за помалку од еден час, вклучувајќи ги и последните тројца тајландски маринци и лекарот, кои поминале голем дел од минатата недела во бдеење над заробените момчиња.
Момчињата од фудбалскиот тим „Див вепар“ беа изнесени во три храбри спасувачки операции, почнувајќи од неделата изутрина. Елитен тим од 19 нуркачи ги изнесе момчињата и нивниот 25-годишен тренер по околу 3,2 километри долгиот пат од калливата просторија во која беа засолнети.
Првите четири се појавија во неделата, следните четири во понеделникот, а потоа и последните петмина околу 20 часот по локално време во вторникот вечер. За операцијата требаше момчињата да научат да дишат со помош на маски за нуркање и да патуваат низ тесните, шилести тунели.
За време на последната мисија, кога тројцата маринци и лекарот беа преземени од човечкиот синџир од спасувачи што беше формиран во внатрешноста на пештерата, сите почнале да извикуваат и да аплаудираат.
Спасувачите во синџирот поминуваа повеќе од осум часа дневно стоејќи на мало парче влажна, каллива земја, чекајќи да дојде нивниот ред да ги пренесат момчињата по дел од долгиот опасен пат. „Ако еден од тие луѓе не си ја изврши правилно должноста, носилата паѓаат“, вели еден нуркач.
Патувањето од третата комора до влезот на пештерата првично траеше околу четири до пет часа, но тоа беше сведено на помалку од еден час по една недела одводнување и расчистување на калливата патека со лопати.
12-те момчиња, кои носеа нуркачки цилиндри и секој од нив беше врзан за возрасен нуркач, мораше да бидат под вода поголем дел од патувањето, но беа пренесувани на светлоцрвени носилки секогаш кога ќе наидеа на суво тло. Секој од нив ја напушти пештерата на тие носилки, сè уште носејќи ги своите маски за дишење.