Свет 12. април 2020. / 14:13

Состојба на голема катастрофа во сите американски држави

Состојба на голема катастрофа во сите американски држави

Американскиот претседател Доналд Трамп прогласи голема катастрофа во државата Вајоминг поради пандемијата на новиот корона вирус и сега сите 50 држави во САД се во тој статус.

Според портпаролот на Белата куќа Џуд Дир, ова е првпат во историјата да е на сила состојба на голема катастрофа во сите 50 држави во исто време.

Гувернерот на Вајоминг, Марк Гордон побара да се донесе мерката.

– Иако Вајоминг не беше во сериозни тешкотии како другите држави, таа мерка ќе ни овозможи да ги подготвиме и мобилизираме ресурсите за моментот кога ќе ни требаат, рече Гордон.

Прогласувањето состојба на голема катастрофа на сојузните и државните влади, како и на одредени непрофитни организации, го прави достапно федералното финансирање.

На владите на државите исто така им е дозволено да се координираат со федералните служби за итни случаи.