Свет 22. мај 2020. / 23:40

Сопственик на ресторан во Париз на суд доби надомест за загуба од неработење поради пандемијата

Сопственик на ресторан во Париз на суд доби надомест за загуба од неработење поради пандемијата

Суд во Париз донесе пресуда дека осигурителната компанија „AXA“ мора да му надомести на сопственик на еден ресторан за загубите во тек на два месеци поради корона вирусот. Случајот може да ја отвори вратата за бран на слични тужби, јавија француски медиуми.

„АХА“ соопштија дека ќе ја обжалат пресудата. Тие тврдат дека постои разлика во толкувањето на специфичен вид договор потпишан со неколку стотици ресторани.

Случајот беше изнесен од страна на Стефан Маниголд, кој е сопственик на четири ресторани во Париз. Тој поднесе тужба во која се бара „АХА“ да ги покрие оперативните загуби по владината наредба во средината на март да ги затвори баровите и рестораните за да се обиде да го забави ширењето на вирусот.

Ова е колективна победа – изјави тој.

Судот соопшти дека административната одлука за затворање на ресторанот може да се оквалификува како адекватна за покритие од осигурувањето како загуба на деловен прекин“.

Ова значи дека сите компании со иста клаузула можат да се жалат на своите осигурителни компании – изјави адвокатот на Маниголд, Анаис Совањ.

„AXA“ има 13 проценти удел на пазарот меѓу француските занаетчии и трговци. Компанијата соопшти дека има само 200 договори во своето портфолио со француски бизниси во различни сектори кои обезбедуваат гаранции за деловен прекин кога нема физички штети и дека ќе изврши компензација за нив.

Според локални медиуми, осигурителните компании тврдат дека ризикот од пандемија е исклучен од гаранциите за осигурување. Француските осигурителни компании инаку би требало да компензираат 20 милијарди евра месечно за оперативни загуби поради прекинот, покажуваат проценките на индустријата.