Релативната ниска смртност на луѓето во Германија заразени со корона вирус ги збунува експертите со оглед на тоа што, како и во Италија, во Германија има висок процент на грѓани повозрасни од 65 години.
Со преку 30 илјади случаи, Германија во моментов е на петтото место по бројот на заболени, но од вирусот досега се починати само 116 пациенти, со што Германците имаат најмал процент на смртност од десетте земји најпогодени од пандемијата. Кај Германија тој процент е околу 0,3, за разлика од Италија каде што е над девет проценти или, пак, Велика Британија каде што стапката на смртност е околу 4,5 проценти.
Поради таквите бројки, дел од здравствените експерти го доведуваат во прашање методот на собирање податоци во Германија, додека други сметаат дека високиот степен на тестирања им овозможува на Германците подобро да му се спротивстават на вирусот. Особено збунувачки е контрастот со Италија, особено ако се има предвид дека двете земји имаат слична старосна структура, а според глобалниот здравствен индекс на „Блумберг“, Италијанците живеат поздраво од Германците.
Сепак, германските политичари и високи здравствени функционери ретко ја коментираат ниската стапка на смртност, со оглед на тоа што ситуацијата се уште се развива. Така, Лотар Вилдер, претседателот на институтот „Роберт Кох“, централното германско тело за јавно здравје, не очекува значителна разлика во стапката на смртност меѓу Италија и Германија на долги патеки.
Прерано е да се каже дали Германија е медицински подобро опремена за пандемијата на Ковид-19, во однос на други држави – вели Америлин Адо, шефицата на одделот за инфективни болести на Универзитетскиот медицински центар во Хамбург.
Според Адо, едно од можните објаснувања за разликата во бројот на мртви може да биде тоа што италијанските болници се натрупани со нови пациенти, додека во Гермнија се уште не се пополнети сите капацитети и имаат време да ослободат кревети, да направат залихи и да ги прераспределат вработените.
Уште една од нашите предности е во тоа што ние почнавме со професионално барање на контактите во оној момент кога ги детектиравме првите случаи. Со тоа добивме време за нашите клиники да се подготват за претстојната бура. Клучно е и тоа што Германија почна многу рано да ги тестира луѓето со благи симптоми – вели Адо.
Исто така, луѓето што беа заразени во Германија во првите недели беа помлади од тие во другите држави, а во главно станува збор за млади и здрави луѓе што се вратиле од скијање во Италија и Австрија.
Претпоставувам дека голем број млади Италијани се заразиле, а тоа не било детектирано. Тоа исто така може да ја објасни високата стапка на смртност во Италија – за весникот „Цајт“ објаснува вирологот, Кристијан Дрост.
Дрост, кој е советник во германското министерство за здравство, исто така предупредува дека стапката на смртност во Германија во наредните недели ќе расте, затоа што е се потешко да се откријат регионите со висок ризик, а капацитетите за тестирање ќе бидат пред крај.
Во тие моменти ќе изгледа дека вирусот станал поопасен, но тоа ќе биде само статистичка слика. Всушност бројките само ќе го отсликаат тоа што веќе ни се случува: дека пропуштаме се поголем број заразени – изјавил Дрост за „Гардијан“.