Турција бомбардираше позиции на сириската војска како одговор на загинувањето на 33 турски војници во северозападниот дел на сириската провинција Идлиб, соопшти Кабинетот на турскиот претседател.
– Сите познати позиции на сирискиот режим се под оган од нашите копнени и воздушни сили – изјави портпаролот на турскиот претседател, Фахретин Алтун.
Турција одговори со бомбардирање по смртта на најмалку 33 нејзини војници во напади во провинцијата Идлиб, кои Анкара им ги припишува на сириските сили.
– Ќе им се одмаздиме за нашите храбри војници – порача Алтун.
Тој ја повика меѓународната заедница, вклучително и Русија и Иран, коишто се сојузници на Дамаск, да „покажат одговорност“ и „да запрат злосторства против човештвото извршени од режимот“.