Италијанските власти „разбија” две сицилијански банди кои користеле бодибилдерски дискови од тегови за на жртвите да им ги скршат коските, а се со цел да направат измами во осигурувањето, соопшти тамошната полиција.
Уапсени се единаесет лица од Палермо, меѓу кои и медицинска сестра која на повредените им набавувала лекови за болка за време на бруталното кршење на коските, пренесе АФП.
Портпаролот на полицијата во Палермо соопшти дека бандите делувале одделно, им ги кршеле коските на жртвите, воглавно зависници од дрога, алкохоличари, но и луѓе во тешка економска состојба за да лажираат сообраќајни несреќи и да земат пари од осигурувањето.
Жртвите биле ставани кај оштетени возила на периферијата на Палермо. Потоа лажни сведоци би повикале брза помош.
Жртвите, кои самите бирале кои коски ќе им бидат скршени, им се нудени износи од 30 отсто од исплатената сума од осигурувањето, а како што тврди полицијата некои биле и до 150.000 евра во зависност од повредата.
Сепак, бандите по „извршената работа“ им плаќале само 50 или 100 евра на жртвите.
Полицијата соопшти дека при извршувањето на овие дела, една од бандите во јануари убила еден Тунижанин при сценирањето на несреќата.
И покрај неговата смрт, бандата продолжила со измамите. Неговото тело било оставено покрај патот, а парите од осигурувањето биле целосно наплатени.