Свет 10. јуни 2018. / 21:02

Шпанија спаси 334 мигранти од сигурна смрт

Шпанија спаси 334 мигранти од сигурна смрт

Шпанската крајбрежна стража спаси 334 мигранти и пронајде тела на четворица починати мигранти на бродови што ги пресретнала при нивниот обид да стигнат до европското крајбрежје.

Како што објави крајбрежната стража, нивните патроли пресретнале девет  брода со мигранти од Африка во текот на вчерашниот и денешниот ден.

Во еден од бродовите, пресретнат денеска, се наоѓале 49 мигранти и телата на четворицата починати. Причината за смртта се уште не е позната.

Претходно денеска, шпанските медиуми јавија дека крајбрежната стража спасила 231 мигрант, пресретнати во шест чамци кои вчера тргнале од африканскиот брег.

Поради конфликтите и сиромаштијата, десетици илјади мигранти секоја година се обидуваат да стигнат до брегот на јужна Европа преку Средоземно море.

Повеќето бродови се пренатрупани и несоодветни за пловење на отворено море, поради што илјадници луѓе се дават.

Според податоци на Обединетите нации, најмалку 785 имигранти починале од почетокот на оваа година, во обид да го преминат Медитеранот.

Во првите пет месеци од 2018 година, вкупно 27.482 мигранти пристигнале на европското крајбрежје, од кои 7.614 во Шпанија.