Свет 11. јуни 2018. / 17:41

Шпанија ќе го прими бродот со 629 мигранти

Шпанија ќе го прими бродот со 629 мигранти

Шпанската Влада соопшти дека ќе го прими бродот со 629 мигранти спасени од водите во близина на брегот на Либија, откако го одбија и Италија и Малта.

Наша должност е да помогнеме да се избегне хуманитарна катастрофа и да им се понуди безбеден престој на овие луѓе- се вели во соопштението од Кабинетот на шпанскиот премиер Педро Санчез.

Владата информира дека бродот „Аквариус“ ќе може да се вкотви во пристаништето во Валенсија.

Градоначалничката на каталонскиот главен град Ада Колау предложи градот да им пружи помош на бегалците и ги критикуваше Европејците.

Колау ја повика и новата шпанска Влада да ја смени политиката за мигрантите, која ја воспостави претходната конзервативна власт.

Лекарите на бродот кои се заедно со мигрантите, меѓу кои има бремени жени и малолетници без придружба, предупредија дека храна има само уште за денеска.

Марко Бертото, од хуманитарната организација Лекари без граници, за италијанската државна телевизија изјави дека некои од спасените мигранти имаат вода во белите дробови откако паднале во морето од чамците на шверцерите, други имаат изгореници од горивото и солена морска вода, а други страдаат од хипотермија.