Мојата кратка порака е, ве молам, политизирањето на Ковид-19 ставете го во карантин, рече Тедрос Аданом Гебрејзус, одговарајќи на критиките изнесени претседателот на САД, Доналд Трамп, во вторникот, кон ОН дека е премногу блиску до Кина и дека лошо управува со кризата.
– Не политизирајте го вирусот. Нема потреба да се користи ковид-19 за собирање политички поени, одговори тој на онлајн прес-конференција на новинарско прашање за обвинувањата од Трамп.
Опишувајќи ја болеста како „јавен непријател број еден“, тој исто така ја истакна потребата за глобална солидарност во овој момент.
-Засега, фокусот треба да биде на борбата против вирусот. Има многу непознати, и не знаеме како ќе се однесува во иднина, рече тој.
Тедрос потсети како САД и поранешниот Советски сојуз се здружија во ерата на Студената војна да работат на искоренување на сипаници.
-И сега Соединетите држави и Кина треба да се соберат и да се борат против овој опасен непријател, советува тој, и додава дека и остатокот од светот треба да се здружи за да се бори против пандемијата“.
Со повеќе од 60.000 смртни случаи во светот од новата болест, Тедрос предупреди дека повеќе луѓе ќе умрат без заеднички обединет фронт.
-Многу е трагично што изгубивме многу, многу животи. Од ситуацијата што ја имаме сега… ние ќе продолжиме да правиме се за да спасиме животи. Секако, кога ќе се соочиш со опасен вирус, јавен непријател како овој, ние правиме редовни проценки на силните и слабите страни. Сакаме да научиме од нашите грешки, порача шефот на СЗО.