Хелге Браун, шефот на кабинет на германската канцеларка, Ангела Меркел, предупреди дека во Германија сè уште не е достигнат врвот на кризата со корона вирусот.
Времето со најголеми бројки на заразени допрва треба да дојде. Задача на Владата е да се подготви за најтешкиот дел од оваа криза – изјави Браун за „Франкфуртер Алгемајне Цајтунг“.
Според Браун, мерило за продолжување или олабавување на рестриктивните мерки воведени за борба против епидемијата, е колку луѓе се заразуваат во ист временски период.
Пред почетокот на примената на актуелните мерки, бројот на инфекции се удвојувал на секои три дена.
За да не се преоптовари здравствениот систем, неопходно е времето на удвојување да се зголеми на повеќе од десет дена. Најверојатно на 12 или 14 дена – истакна тој.
Како што истакнува Браун, најважна задача на медицинскиот систем е да се спречи разболување на медицинскиот персонал.
– Сега е најважно да го спречиме тоа. Затоа економијата сега е еден голем чекор зад тоа – истакна Браун.
Според последните податоци, во Германија има 100.123 заразени со корона вирусот, од кои починале 1.584, а оздравеле вкупно 28.700 луѓе.