Свет 04. септември 2018. / 22:27

Себастијан Курц: Русија е агресор во Украина

Себастијан Курц: Русија е агресор во Украина

Австрискиот канцелар Себастијан Курц, кој во моментов претседава со Советот на ЕУ, ја нарече Русија агресор во Украина. Неговата изјава следи откако Русија и Австрија во последните недели ги засилија своите односи, вклучувајќи го присуството на рускиот претседател Владимир Путин како почесен гостин на венчавката на шефицата на австриската дипломатија, на која присуствуваше и Курц.

„Сега зборувам како претседавач на Советот на Европската Унија. Очекуваме многу јасна реакција на руската агресија и во таа насока во јуни годинава ги продолживме санкциите против агресорот“, му кажа Курц на украинскиот претседател Петро Порошенко во Киев, објави кабинетот на Порошенко.

Односите меѓу Украина и соседна Русија паднаа на најниско ниво откако Русија го анектираше црноморскиот полуостров Крим, како одговор на насилното уривање од власт на прорускиот претседател Виктор Јанукович.

Иако ЕУ поради тоа ѝ наметна санкции на Русија, некои членки, вклучувајќи ја и Австрија, се склони кон одржување добри односи со Москва.

„Морам да истакнам дека сме многу загрижени од фактот што ситуацијата е и понатаму тешка, како што беше и претходно“, кажа Курц мислејќи на руското мешање во украинската криза, се вели во соопштението.

Курц ја повика Русија да се врати на преговарачката маса.

Од средбата на Курц со Порошенко се очекувало да се фокусира на украинските аспирации за членство во ЕУ како и на „прашањето на единството на ЕУ во однос на санкциите“ против Русија, соопшти кабинетот на украинскиот претседател.

Австриската компанија ОМВ е најголемиот акционер во гасоводот Северен тек 2 кој преку Балтикот и Германија ќе го доведува рускиот гас во централна Европа. Украинскиот политички врв жестоко го критикува гасоводот, сметајќи дека со него се намалува притисокот на ЕУ врз Русија да го врати Крим и да го прекине прорускиот бунт во источна Украина.

Путин неделава го награди извршниот директор на ОМВ, Германецот Раинер Зеле со престижната награда Ред на пријателство поради „јакнење на врските меѓу двата народи“.