Саудискиот крал Салман нареди укинување на смртната казна за малолетни лица, изјави денес висок саудиски функционер.
Таа одлука дојде откако Саудискиот Врховен суд неодамна нареди укинување на казната со камшикување и негова замена со парична казна или затвор или социјално корисна работа.
Министерот за човекови права на Саудиска Арабија, министер за човекови права, Авад Алавад, ја потврди одлуката за укинување на смртната казна за малолетни лица, наведувајќи дека помага да се воспостави „посовремено кривично законодавство“.
Алавад објави дека „ќе има нови реформи“ и додаде дека двете последни решенија за олеснување на казните рефлектираат „како Саудиска Арабија продолжува да ги спроведува клучните реформи за човековите права, дури и во време на потешкотии предизвикани од пандемијата на вирусот корона“.
Благодарение на најновата наредба на кралот Салман, смртната казна ќе ја избегнат најмалку шестмина мажи од малцинската шиитска заедница осудени за злосторства извршени кога биле под 18 години.
По наредба на кралот Салман од крајот на 2018 година е предвидена казна затвор од 10 години како максимум за малолетни лица, освен за кривични дела за кои е предвидена смртна казна.
Отсега, 10-годишната затворска казна ќе биде максимална за сите дела извршени од малолетни лица.
Меѓународните организации, вклучувајќи ги Амнести Интернешнл и Хјуман рајтс воч, веќе долго време го повикуваат Ријад да ја укине смртната казна, особено за малолетни лица.
Синот на кралот Салман и наследник на престолот, принцот Мохамед бин Салман, се вели дека стои зад ублажувањето на казната, кој исто така се гледа како клучна фигура за оддалечување од вахабизмот, ултраконзервативно толкување на исламот, на кое многу Саудијци сè уште се придржуваат.
Мохамед бин Салман се стреми кон модернизација на земјата, привлекување странски инвестиции и зајакнување на угледот на Саудиска Арабија во светот.