Според информации на командата на Вселенските сили, најново формираниот американски воен оддел, некои руски сателити во последно време почнале да се однесуваат невообичаено и вознемирувачки.
– Минатиот ноември руската Влада лансираше два сателити кои сега активно маневрираат во близина на американскиот државен сателит и се однесуваат слично како сателитите кои Русија ги распореди во 2017 година и кои ги окарактеризира како сателити за инспекција – изјави Џон Рејмонд, командант на американската вселенска команда и командант на Вселенските сили.
САД во декември минатата година ги формираа Вселенските сили, прв нов воен оддел од 1947 година, а администрацијата на Трамп за нив (и други вселенски активности), побара 18 милијарди американски долари во рамките на буџетот.
Иако руското Министерство за одбрана соопшти дека целта на нивниот проект е понатамошна проценка на техничката состојба на руските сателити, Рејмонд изјави дека неодамнешните руски активности ги претвориле вселенските потфати во воена зона.
Рејмонд, исто така, истакна дека руските сателити демонстрирале карактеристики на оружје кога еден од тие сателити во вселената испукал проектил со голема брзина.