Свет 10. април 2018. / 14:35

САД се подготвуваат за напад врз Сирија, Русија предупредува дека ќе ја брани

САД се подготвуваат за напад врз Сирија, Русија предупредува дека ќе ја брани

Американскиот претседател Доналд Трамп по средбата со своите советници изјави дека во игра се повеќе опции за воен удар врз силите на Сириската армија, како казна за нападот со боен отров, но не само тоа, туку тој се закани и дека Русија исто така ќе плати голема цена доколку се докаже дека имала учество во акцијата.

“Носиме одлука за тоа што ќе преземеме како одговор на ужасниот напад во близината на Дамаск. И ако одговориме, ќе одговориме со сила. Кога и како не кажувам, бидејќи не сакам да зборувам за тајминг” изјави американскиот претседател.

Според непотврдени информации американски воени бродови веќе се разместуваат во позиција за напад во Медитеранот, а поддршка им ветија и Франција и Велика Британија. Русија, која жестоко негира дека воопшто имало некаков хемиски напад во Дума и докажува дека тоа е операција под лажно знаме за западните сили да најдат оправдување за агресија врз Сирија, предупредува дека во случај на напад ќе одговори а последиците би можеле да бидат катастрофални. Во Советот за безбедност на ОН амбасадорите на САД и Русија разменија неверојатно тешки меѓусебни навреди и обвинувања, нешто што не се случило ниту во најдраматичните времиња на Студената војна.

“САД, Франција и Британија без размислување за последиците водат политика на конфронтација кон Русија и ги поттикнуваат и другите да го прават истото. Дрско и се заканувате на Русија. Тонот со кој тоа го правите ги премина границите на дозволеното, Ни за време на Студената војна немало ваков безобразлук” изјави рускиот амбасадор Василиј Небензја.