Свет 04. март 2021. / 21:33

САД: Русија не сака Сирија да одговара за употребата на хемиско оружје

САД: Русија не сака Сирија да одговара за употребата на хемиско оружје

Русија ги блокира сите напори да се побара одговорност од Сирија поради употреба на хемиско оружје, изјави денеска американската амбасадорка во ОН, Линда Томас Гринфилд за време на видео конференцијата на Советот за безбедност на светската организација.

– Сите знаеме дека режимот на Башар ал Асад многу пати користел хемиско оружје. Зошто тогаш за тоа не се бара одговорност од сириската Влада?, праша Гринфилд.

Таа нагласи дека режимот на Асад, обидувајќи се да избегне одговорност, ги блокира истрагите и ја поткопува улогата и работата на Организацијата за забрана на хемиско оружје.

–  И сојузниците на тој режим, конкретно Русија, исто така, настојуваат да ги блокираат сите напори да се бара одговорност од власта на Башар ал Асад, додаде амбасадорката на САД.

Според неа, „Русија го бранела режимот на Асад, и покрај неговите напади со хемиско оружје, ја напаѓала професионалната работа на Организацијата за забрана на хемиско оружје и ги поткопувала настојувањата да се бара одговорност од Сирија за употреба на хемиско оружје и голем број други злосторства“.

ОН, кои претходно ја обвинуваа Сирија за хемиски напади, очекуваат одговор од Дамаск на 19 прашања поставени пред повеќе години во врска со постројките кои би можеле да се користат за производство и складирање на хемиско оружје.

Сирија тврди дека работи согласно меѓународното право и ги отфрла тврдењата на Западот, на чело со САД, дека користела хемиско оружје.