Свет 15. август 2018. / 13:58

САД: Не сме виновни за економските проблеми на Турција

САД: Не сме виновни за економските проблеми на Турција

Американската aдминистрација отфрли каква и да било одговорност за економските проблеми на Турција, нагласувајќи дека кризата во земјата го надминува опсегот на санкциите што ги воведе Вашингтон, јави ДПА.

– Економските проблеми не започнаа откако ние воведовме санкции кон две лица на 1 август оваа година, изјави портпаролката на Стејт департментот, Хедер Нојерт.

САД на 1 август воведоа санкции кон двајца турски министри, како реакција на одбивањето на Турција да го ослободи од притвор американскиот пастор Ендрју Брансон. Тензиите меѓу Вашингтон и Анкара, резултираа со намалување на вредноста на турската лира, која забележа дополнителен пад по одлуката на Вашингтон за зголемување на царините за увоз во САД на челик и алуминиум од Турција.

Нојерт нагласи дека сите економисти се согласуваат оти тоа што се случува во Турција е „далеку надвор од опсегот на политиките и механизмите“ што во изминатиот период САД ги презедоа кон Анкара.