Хакери, поддржани од руските власти, нападнале британски, американски и канадски организации, кои разработуваат вакцина против новиот коронавирус, соопшти Националниот центар за кибер-безбедност на Велика Британија.
Центарот појаснува дека фармацевтски компании и истражителски групи биле нападнати од групата АРТ29, која според британските власти „речиси сигурно“ е дел од руското разузнавање.
Британски официјални претставници не кажуваат дали нападите биле успешни и дали хакерите ја постигнале својата цел да одземат тајни податоци за развој на вакцина против Ковид-19, иако тие нагласуваат дека ниту едно истражување за вакцина не е компромитирано како резултат.
Велика Британија ретко се огласува јавно да обвини друга држава дека е одговорна за координирана кампања за кибер-напади, но британските власти истакнаа дека ја делат оценката со САД и Канада, кои се очекува наскоро да дадат свое мислење.
Групата АРТ29 е активна повеќе години. Таа е позната меѓу хакерите како „Dukes“ или „Cozy Bear“. APT29 користи различни алатки и техники за кражба на тајни податоци, вклучувајќи штетни софтвери, како што се WellMess и WellMail. Исто така, ги напаѓа владите, институциите и енергетскиот сектор.