Светската здравствена организација не добила доволно информации за руската вакцина против коронавирусот за да може да ја оцени, изјави помошникот директор на Пан-американската здравствена организација, Жарбес Барбоса.
Рускиот претседател Владимир Путин објави дека првата вакцина против коронавирус е регистрирана по два месечно тестирање на луѓето.
На прашањето за плановите за производство на потенцијална вакцина во Бразил, Барбоса рече дека тоа не треба да се направи сè додека не се заврши втората или третата фаза на тестирање со цел да се гарантира нејзината безбедност и ефикасност, пренесува Ројтерс.
„Секој производител на вакцини мора да ја следи оваа постапка, што гарантира дека е безбеден и има препорака на СЗО“, рече Барбоса на виртуелната конференција во Вашингтон.
Веста дека Русија била прва која регистрирала вакцина против коронавирусот, се шири во сите светски и регионални медиуми и предизвика аларм кај експертите за јавно здравје, кои велат дека е тешко да се верува во вакцина за која не се објавени сите податоци од тие тестови.
Решена да биде прва во светската трка за развој на вакцина против пандемијата „Ковид-19“, Русија допрва треба да спроведе големо клиничко испитување што ќе резултира со податоци за тоа дали вакцината делува – и дека, според имунолозите и експертите за заразни болести, е „лекомислен“ потег, објави Хина.
Русија всушност спроведува експеримент на ниво на голема популација, вели Ајфер Али, специјалист за тестирање на лекови во британската „Ворвик бизнис школа“.
Таа вели дека таквото брзо одобрување може да значи дека нема да бидат откриени можни негативни несакани ефекти на вакцината. А, тие, иако веројатно ретки, може да бидат тешки, предупредува таа.
Франсоа Балокс, експерт во Институтот за генетика на Универзитетскиот колеџ во Лондон, вели дека тоа е „невнимателно и глупаво решение“.
– Масовното вакцинирање со несоодветно тестирана вакцина е неетички. Каков било проблем со руската програма за вакцинација би бил фатален и со негативни ефекти врз здравјето, а исто така затоа што ќе го одложи прифаќањето на вакцината кај населението, вели тој.
Неговите зборови ги потврдува Дани Алтман, професор по имунологија на Империал колеџ во Лондон, кој вели дека колатералното оштетување на примената на вакцината, за кое не се знае дали би било безбедно и ефикасно, би претставувало „несовладливо зголемување на нашите сегашни проблеми“.