Една недела по оптимистичките вести кои пристигнаа од САД во врска со високата ефикасност на вакцините против Ковид-19, слични вести соопштија и од руските истражувачки центри.
Московскиот центар Гамалеја и Рускиот инвестициски фонд, кои работат на развивање на вакцината „Спутник V“, денеска објавија дека истата е ефикасна во 91 отсто од случаите по 28 дена, додека по 42 дена ефикасноста изнесува 95 проценти.
Истражувачите го извршија тестирањето на приближно 19,000 волонтери на кои им беа дадени дози на вакцината Спутник V или пак пласибо.
Информациите кои пристигнаа денес се дел од третата фаза на тестирањето на руската вакцина, која во раните истражувања покажа ефикасност од помеѓу 91 и 92 отсто, за сега истата да биде ефикасна во 95 отсто од случаите.
Како што објавија руските медиуми, вакцината „Спутник V“ треба да биде подостапна за сите и поевтина од оние на Фајзер, Модерна и БиоНТек, со цена која ќе изнесува околу 10 долари по доза.