Русија планира годинава и идната година во Африка да испорача оружје во вредност од 14 милијарди долари, најави генералниот директор на „Рособоронекспорт“, Александар Михејев на маргините на Самитот Русија – Африка, што се одржува во Сочи.
– Станува збор работи за техника во воздухопловството и противвоздушната одбрана, оклопни возила, малокалибарско оружје и противтенковски ракетни системи – наведе Михејев.
Тој додаде дека Русија со оружје снабдува 20 африкански држави, меѓу кои Уганда, Руанда, Мозамбик и Ангола.
Според директорот на Сојузната служба за воено-техничка соработка на Русија, Дмитриј Шугајев вкупната вредност на нарачаното оружје за оваа и следната година изнесуваа 14 милијарди долари.
На првиот ден од Самитот беше објавено и дека Русија и Нигер потпишале договор за купување на хеликоптери Ми-35, а во исто време Еритреја покажала интерес за руските ракетни чамци и хеликоптери.
Претседателот на Русија, Владимир Путин изјави дека Централноафриканската Република е перспективен партнер на Москва.
– Русија е една од првите што ја призна независноста на вашата држава со воспоставување на дипломатски односи. Следната година ќе прославиме 60-годишнина од тој значаен момент во меѓудржавната историја – истакна Путин на средбата со претседателот на Централноафриканската Република, Фостен Арканж Туадер.
Туадер наведе дека се надева оти Русија ќе продолжи да ги обучува припадниците на Армијата на Централноафриканската Република .
– Побаравме од руското Министерство за одбрана да обучи четири пилоти за хеликоптери и поддршка за тие хеликоптери – наведе Туадер.
Претходно, беше соопштено дека Русија вчера испратила два авиона Ту-160 во Јоханесбург. Според руското Министерство за одбрана мисијата со авионите доставени до Јужноафриканската Република е со цел да се негуваат воените врски со таа земја.
Копретседавач на Самитот Русија – Африка е Египет. Путин на средбата со египетскиот претседател Абдел Фатах ал Сиси истакна дека годишна трговска размена со африканските земји е двојно зголемена во изминатите пет години и изнесува над 20 милијарди годишно, а 40 проценти од тоа е со Египет.
На првиот Самит Русија – Африка присуствуваат 43 лидери од вкупно 54 африкански држави, додека другите земји се претставени од високи претставници.
Самитот Русија – Африка е дел од напорите на Кремљ да го врати влијанието врз африканските држави што „избледи“ по распадот на Советскиот Сојуз во 1991 година.