Министерството за одбрана на Русија објави прикриено предупредување дека Израел би требало да се воздржува од „провокативни акции“ во Сирија.
Предупредувањето следи откако Москва испорача противвоздушни ракетни системи С-300 на сириските воени сили, јавуваат израелските медиуми.
„Како што знаете, за да се зголеми нивото на безбедност на рускиот воен персонал, летовите на авионите и да се заштитат објектите во Сирија, испораката на руските противавионски системи С-300 и „полјана“ Д-4 заврши. Сега руските советници го подготвуваат сирискиот воен персонал за борбена работа со тие модерни одбранбени системи“, изјави портпаролот на руското министерство генерал-мајорот Игор Конашенков.
„Веруваме дека е препорачливо за „вжештените глави“ соодветно да ја проценат моменталната ситуација и регионот и да се воздржуваат од провокативни акции на територијата на Сирија“, додаде Конашенков.
Неговата порака ја објави и амбасадата на Русија во Тел Авив на Твитер. Иако Израел не се спомнува, израелските медиуми наведуваат дека тоа е алузија на соборувањето на рускиот авион Ил-20 во септември со сириски противвоздишни ракети за време на израелски напад.
Русија одлучи да ѝ испорача на Сирија системи С-300 по инцидентот во кој загинаа 15 руски војници.
Москва го обвини Израел за соборувањето на авионот, тврдејќи дека не била на време предупредена за планираниот напад.
Инцидентот предизвика дипломатска криза меѓу Тел Авив и Москва, но Израел продолжи да извршува воени аквии во Сирија, барем според анонимни извори од израелската војска.
Министерот за одбрана на Израел Авигдор Либерман кажа дека „само затоа што за нешто не се слуша, не значи дека не се случува“.