Од вечерва на полноќ, 27 март, Русија ги стопира сите меѓунардони и чартер летови, со исклучок на тие поврзани со враќање на руските граѓани, кои сакаат да се вратат од државите погодени со корона вирусот. Одлуката ја донесе владиниот Координативен совет за справување со ширењето на Ковид-19, јавува ТАСС.
Руското Министерство за надворешни работи денеска треба до надлежните институции да испрати список со руски граѓани, кои планираат да се вратат во државата.
Списоците треба да ги содржат трите имиња, државјанството, актуелното место на престој, постојаната или привремена адреса на престој во Русија, телефонски број, потврда дали граѓаните имаат или не виза и повратен билет, како и местото каде што планираат да престојуваат во Русија. Прибирањето на информациите треба да заврши на 30 март.
При враќањето, сите патници ќе бидат подложни на тестирање за корона вирусот.