Планот за разговори презентиран од страна на францускиот претседател, Емануел Макрон, пред САД и Иран начелно е прифатлив, изјави денеска претседателот, Хасан Рохани, на владин состанок кој во живо го пренесуваше иранската државна телевизија.
Тој рече дека треба да се изменат некои формулации во планот, во кој се потенцира дека Иран нема да продолжи со изработката на нуклеарно оружје и дека ќе помогне да се осигура безбедноста на регионот и неговите пловни патишта, доколку Вашингтон би ги укинал сите санкции, соопшти „Ројтерс“.
Планот исто така ќе му овозможи на Иран веднаш да продолжи со продажбата на нафтата.
Рохани на седницата на владата рече дека различните пораки за санкциите, испратени од САД минатата недела додека присуствувал на седницата на Генералното собрание на ОН, ја поткопале можноста за разговори.
Тој додаде дека не е прифатливо американскиот претседател Доналд Трамп јавно да рече дека ќе ги интензивира санкциите, додека европските сили на внатрешни состаноци му сугерираат на Техеран да биде подготвен за преговари.
Во исто време, врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хаменеи, на состанокот со командантите на елитната Револуционерната гарда, изјави дека Иран ќе продолжи да ги намалува своите обврски кои произлегуваат од нуклеарниот договор од 2015 година, сè додека не го постигне посакуваниот резултат.