Иранскиот претседател, Хасан Рохани, изјави дека санкциите предизвикале големи економски тешкотии во земјата, додека пандемијата го направи товарот уште потежок. Според него, иранскиот народ поминува низ многу тежок процес, поради корона вирусот и американските санкции.
По состанокот на Националниот комитет за борба против корона вирусот, Рохани изјави дека Исламската Република, и покрај санкциите на САД, не потклекнала.
Нашиот народ поминува низ многу тежок процес, како заради пандемијата, така и поради санкциите што ги воведоа САД. Санкциите предизвикаа големи економски тешкотии, додека пандемијата го направи товар што го носиме на рамениците уште потежок – изјави Рохани.
Тој посочи дека на почетокот на пандемијата во целиот свет биле донесени мерки, како полициски час и ограничувања за патувања, но тоа не било решението.
Понекогаш ограничувањата стануваат извор на проблеми. Кога престанува мрежата на производство и дистрибуција, секојдневниот живот на луѓето станува невозможен. Затоа се укинаа мерките и забраните, сите почнаа да ја нормализираат ситуацијата – заклучи Рохани.
Тој ги повика Иранците да ги почитуваат здравствените протоколи и да вежбаат физичко дистанцирање за време на претстојниот празник Курбан Бајрам.