Свет 23. декември 2020. / 13:33

Рјабков: Моска не очекува „ништо добро“ од Бајден

Рјабков: Моска не очекува „ништо добро“ од Бајден

Рускиот заменик министер за надворешни работи Сергеј Рјабков, изјави дека Москва не очекува „ништо добро“ од новоизбраниот американски претседател Џо Бајден, обвинувајќи ги членовите на неговата идна администрација за „русофобија“.

Не очекуваме ништо добро. И би било чудно да се очекуваат добри работи од луѓе, од кои многумина ја направија својата кариера на русофобија и фрлија кал врз мојата земја, рече Рјабков во интервју за Интерфакс. Интервјуто беше објавено неколку дена откако САД ја обвини Русија за голем сајбер напад врз владини институции.

Во вторникот, Бајден рече дека нападот не може да остане „без санкции“ и вети одмазда откако ќе ја преземе функцијата на 20 јануари.

Рјабков рече дека Москва мора да премине на „целосна воздржаност“ за односите со Соединетите држави, одржувајќи „селективен дијалог“ на теми од интерес на Русија. Високиот дипломат рече дека Русија нема да започне контакти со преодниот персонал на Бајден и исто така нема да направи никакви „еднострани отстапки“. Тој додаде дека ако САД продолжат да и приоѓаат на Русија како „стратешки ривал“, тогаш Москва „ќе се однесува кон нив на сличен начин“.

Со оглед на новите американски санкции воведени на почетокот на неделава за 45 руски организации поради нивните врски со војската, Рјабков рече дека администрацијата на сегашниот претседател Доналд Трамп се обидува да ја „тресне вратата“.

-Одиме од лошо во полошо. Ова е многу типично во последните четири години и досега немаме чувство дека овој тренд е надживеан, рече Рјабков.