Во новогодишното писмо до германската канцеларка Ангела Меркел, рускиот претседател Владимир Путин изрази надеж дека односите меѓу нивните две земји ќе се подобрат во 2021 година.
-Руско-германските односи „се важни за обете нации и се од големо значење за стабилноста и безбедноста на европскиот континент, напиша Путин, како што објави официјален Кремљ.
Тој истакна дека се надева дека двете сили ќе работат заедно за решавање на меѓународните прашања во 2021 година.
Односите меѓу двете земји беа особено затегнати последните неколку години, меѓу другото и поради обидот за труење на рускиот дисидент Алексеј Навални и сајбер нападот врз германскиот Бундестаг во 2015 година.
Руските власти продолжуваат да ги негираат обвинувањата и тврдат дека немаат никаква врска со инцидентите.
Официјален Кремљ објави дека Путин испратил десетици новогодишни честитки и писма. Меѓу нивните приматели се и поранешниот германски канцелар Герхард Шредер, американскиот претседател Доналд Трамп и наследникот на Трамп, Џо Бајден.
-Русија и Соединетите држави заедно може да направат многу за стабилноста и безбедноста во светот, притоа почитувајќи ги заедничките интереси, се вели во соопштението на Кремљ, потсетувајќи дека последниот голем договор за нуклеарно разоружување меѓу двете земји – новиот договор СТАРТ – истекува на почетокот на февруари.
Без него, за прв пат по десет години, ќе нема договор за регулирање на залихите на стратешко нуклеарно оружје.
Путин постојано ги предупредувал колегите за опасноста од новата трка во вооружувањето.