Рускиот претседател Владимир Путин и германската канцеларка Ангела Меркел за време на телефонски разговор разговарале за повеќе актуелни прашања во билатералните односи, вклучувајќи ја и взаемната соработка во борбата против ширењето на коронавирус.
Како што соопштија од Кремљ, двајцата лидери го потврдија недостигот на алтернатива на договорот од Минск, како единствена основа за решавање на внатрешноукраинскиот конфликт. Во овој контекст, ја потенцирале важноста за целосно и безусловно спроведување на пакетот мерки и решенија усвоени на средбите на врвот на Нормандиската четворка, вклучително и во Париз на 9 декември 2019 година. Путин и Меркел изразиле поддршка за активирање на работата во таа насока со помош на лидерите на Русија, Германија, Франција и Украина, се наведува во соопштението.
Владимир Путин и Ангела Меркел разговараа и за ситуацијата во Либија. Тие се согласија околу потребата да се надмине кризата во оваа земја, исклучиво преку политички и дипломатски методи и да се воспостави меѓулибиски дијалог, како што е предвидено во одлуките на Берлинската конференција од 19 јануари 2020 година и нивно гарантирање со Резолуцијата 2510 на Советот за безбедност на ОН – соопшти Кремљ.