Привремената претседателка на Боливија, Жанин Ањез, изјави дека поранешниот претседател на земјата Ево Моралес не може да се кандидира на кои било следни избори, но дека тоа не важи за неговата партија.
Ањез кажа дека „Движењето за социјализам“ на Моралес има полно право да учествува на изборите и дека оваа партија може да си бара кандидат. Таа наведе дека сака повторно да се воспостави стабилност во Боливија, но дека приврзаниците на Моралес, кој се засолни во Мексико, ја обвинуваат за присвојување на власта.
Засега не е познато дали официјалните претставници во Боливија, земја која е погодена од тешка политичка криза, мораат и формално да му забранат на Моралес да учествува на изборите.
Моралес во неделата поднесе оставка на барање на армијата, по повеќенеделните масовни демонстрации заради наводната кражба на изборите од 20 октомври, по кои тој тврдеше дека го обезбедил четвртиот претседателски мандат уште по првиот круг од гласањето.
Новата привремена влада на Боливија, со Ањез на нејзино чело, почна да добива меѓунардни признанија, но во самата земја нејзиниот легитимитет е доведен во прашање.