Авионот во сопственост на владата на Германија, од типот „Ербас А340“ со кој Ангела Меркел и германската делегација патуваа на самитот во Буенос Аирес, поради проблем со неколку електронски системи синоќа мораше да слета кусо по полетувањето.
Информацијата ја потврди и канцеларката Меркел.
-Тоа беше сериозен проблем, за среќа имаме извонреден екипаж и искусен пилот, изјави Меркел неколку часа по принудното слетување, откако делегацијата беше сместена во хотел во Бон.
Меркел заедно со германската делегација ќе го пропушти отворањето на самитот Г20 во Аргентина, но и неколку состаноци.
Магазинот „Шпигел“ објави дека паднал целиот комуникациски систем, што предизвикало сериозна опасност, па екипажот слетал во Келн со помош на сателитски телефон.