Свет 22. јануари 2021. / 07:30

Пресуда за смртта на 39 мигранти од Виетнам во камион ладилник

Пресуда за смртта на 39 мигранти од Виетнам во камион ладилник

Судот во Лондон денеска треба да ја изрече пресудата за смртта на 39 мигранти од Виетнам во камион ладилник, чии тела беа пронајдени во октомври 2019-тата, во близина на Лондон.

Во Велика Британија, неколку лица, вклучително и возачот на шлеперот, беа обвинети во врска со случајот. Тие се изјаснија за виновни за убиство од небрежност. Други 13 осомничени беа обвинети во Франција и 13 во Белгија.

Во Виетнам веќе се осудени седум лица на казна затвор од две и пол до седум и пол години за учество во трговија со мигранти. Тамошната истрага покажала дека обвинетите помогнале во тоа 67 луѓе илегално да патуваат во европските земји заради работа. Судот во централната виетнамска провинција Ха Тин осуди на условна казна уште три лица.

Инаку, жртвите биле од Виетнам, на старост помеѓу 15 и 44 години. Се верува дека им платиле на криумчарите за илегално префрлање во Англија. Полицијата соопшти дека мигрантите умреле од комбинација на недостаток на кислород и прегревање во затворен простор.