Процесот на признавање на Украинската православна црква предизвика гнев во Русија , како и во Србија.
Во соседната земја се плашат дека слични преседани ќе се искористат за признавање на автокефалноста на Македонската и Црногорската црква. Дали безмалку по еден милениум (Големата шизма во 1054 година) , ќе дојде до голем раскол во православната црква.
Цариградскиот патријарх Вартоломеј најави дека наскоро ќе го потпише томосот на Украинската православна црква- Киевски патријархат. Тоа предизвика остра реакција не само во Русија , каде на ова прашање се гледа не само како црквено , туку и како политичко и меѓуетничко.
Се вознемири и Српската православна црква , која смета дека ваквиот преседан може да се примени и при давањето автономија на православните цркви на Македонија и Црна Гора. Како што пишуваат медиумите од регионот , токму поради давањето автокефалност , украинскиот претседател Петро Порошенко во април беше во Истанбул кај Вселенскиот патријарх , кој покажа разбирање и го почна процесот.
Деновиве во Украина се двајца емисари на егзархот , кои треба да го дадат конечниот збор за одвојување на Украинската православна црква од Руската.
,,Вартоломеј тргна по воена патека . Ако го спроведе до крај својот подмолен план за автокефалност, ние во РПЦ , ќе немаме друг избор освен да ги прекинеме односите со Цариград “ , рече митрополитот волоколомски Иларион , задолжен во Руската православна црква за меѓународни меѓуцрквени односи.