Уништувачките пожари во Калифорнија од 2018 година и минатогодишните пожари во Амазон и Сибир стигнаа на насловните страници и го шокираа светот, но во однос на големината тие се далеку помали од сегашната криза со пожарите во Австралија.
Пожарите во оддалечените делови на северна Русија минатата година изгореа 6,7 милиони акри, но повеќето региони беа ретко населени и нема извештаи за жртви.
Австралија е среде сезоната на пожари. Високите температури и сушата се очекува уште повеќе да ги разгорат пожарите. Оваа недела, шокантните слики од светло портокаловото небо во Квинсленд и пламените што прелетуваат низ градовите го привлекоа вниманието на светот.
Пожарите се зголемија во услови на топлотен бран што ја погоди Австралија, а истовремено и рекордно најсушна пролет, пренесува „Њујорк тајмс“.
Нов Јужен Велс е најмногу погоден, обвиткувајќи го Сиднеј во темен чад кон средината на декември. Околу 10 од вкупно 12 милиони изгорени акри земја се во оваа држава.
Во Австралија често избувнуваат пожари со тоа што некои години уништувањето на природата е поголемо отколку порано. Научниците предвидуваат дека заради климатските промени пожарите ќе стануваат сè почести и посериозни.