Свет 19. август 2020. / 09:37

Повик на Тихановска до ЕУ: Не ги признавајте резултатите од претседателските избори

Повик на Тихановска до ЕУ: Не ги признавајте резултатите од претседателските избори

Бившата кандидатка за претседател на Белорусија и лидерка на опозицијата Светлана Тихановска ги повика европските лидери да не ги признаваат резултатите од претседателските избори одржани на 9 август, пренесуваат агенциите.

-Ве повикувам да не ги признавате резултатите од фалсификуваните избори, изјави таа во видеообраќање на англиски јазик на Youtube каналот.

Белоруската Централна изборна комисија го прогласи за победник сегашниот претседател Александар Лукашенко, кој веќе 26 години раководи со државата.

-Со цел да придонесам за мирно предавање на власта во мојата држава покренав иницијатива за создавање Национален координативен совет на Белорусија, кој ќе започне процес за мирно предавање на власта преку дијалог, соопшти лидерката на опозицијата.

Според неа, Советот ќе организира „нови фер и демократски избори под меѓународен мониторинг“. Таа ги повика лидерите на ЕУ „да ги заштитат принципите на меѓународното право, суверенитетот на Белорусија и изборот на белорускиот народ“.

Обраќањето на Тихановска, која се наоѓа во Летонија, доаѓа во пресрет на денешниот видео-самит на ЕУ посветен на ситуацијата во Белорусија. Координативниот совет на опозицијата беше формиран во вторникот и во себе вклучува речиси 70 лица од сите области на општеството. Неговото формирање Лукашенко го нарече обид за преземање на власта во Белорусија.