Долгорочната изложеност на загаден воздух е причина за предвремената смрт на 412.000 луѓе во Европа во 2016 година, соопшти Европската агенција за животна средина (ЕЕА).
Агенцијата цитира податоци од 41 европски земји, кои вклучуваат 28 земји-членки на ЕУ. Патниот сообраќај, електроцентралите, индустријата, земјоделството и домаќинствата се меѓу главните извори на загадување на воздухот, соопшти агенцијата со седиште во Копенхаген. Најголема штета е предизвикана од ПМ честички, и азот диоксид. Тие можат да предизвикаат или да ги влошат респираторни проблеми и кардиоваскуларни заболувања.
Построгите стандарди за емисија на гасови од 1990 година помогнаа во намалувањето на предвремените смртни случаи, но потребна е поголема акција, соопшти агенцијата.
„Ние напредуваме, но време е да ги забрзаме промените во нашиот енергетски систем, системите за производство на храна и подвижноста“, рече шефот на ЕЕА, Ханс Бруникс во изјавата.
Во извештајот се идентификуваат честичките што ги загадуваат воздухот како мешавина на честички и капки кои содржат неколку компоненти што вклучуваат киселини, метали, почва и прашина.