Свет 26. февруари 2020. / 11:27

Потврдени двајца заразени со корона вирус во Мадрид

Потврдени двајца заразени со корона вирус во Мадрид

Во Мадрид се потврдени два случаја на заразени со корона вирус, со што бројката на заразени во Шпанија во последните 36 часа изнесува осум лица. Освен двата во шпанската престполнина, по еден случај има во Барселона и во Кастелјон, додека останатите четири се на Тенерифе, каде што во карантин е ставен цел хотел со стотици гости.

Претходно, во Шпанија имаше два потврдени случаја на заразени со корона вирус, по еден во Ла Гомера и Плама де Мајорка, објавија шпанските медиуми.

Во врска со нараснатиот број на болни од коронавирусот шпанското Министерство за здравство на луѓето им препорача да не патуваат за Иран, Кина, Јужна Кореја, Сингапур, Јапонија и четири италијански области.

Според последните податоци, бројот на жртви од вирусот во Италија достигна 11, а заразените се над 320. Повеќето од болните живеат во северните области Ломбардија и Венето.

Заради ширењето на епидемијата и Русија денеска им препорача на своите граѓани да не патуваат за Италија, Иран и Јужна Кореја „до стабилизирање на ситуацијата”, наведе на својот сајт руската Санитарна агенција, пренесоа француските медиуми.